920 метри нов асфалт на патот Прилеп-Кривоаштани–Крушево
Санирани се 920 метри од регионалниот пат Прилеп – Кривогаштани – Крушево, на потегот кај селото Славеј. Иако станува збор за пократка делница, од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) нагласуваат дека се работи за исклучително значаен зафат кој директно придонесува кон зголемување на безбедноста во сообраќајот.
„Овие 920 метри се од исклучително значење за безбедноста на учесниците во сообраќајот, која секогаш ни е на прво место“, велат од ЈПДП.
Санацијата вклучувала комплетна реконструкција на патот – санирање на трупот, поставување на камени колови Ф800, геотекстил и геокомпозит, изградба на насип од кршен камен и тампон, како и поставување на асфалтни слоеви БНС 22 сА и АБ 16. Дополнително, изработени се и преодни плочи на објекти, со што целосно е заокружен зафатот.
Денеска, на теренот кај Славеј, увид во завршените работи направија заменик директорот на ЈП Македонијапат, Александар Шуковски, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, како и советници од општините Крушево и Кривогаштани.
Изведувач на работите беше „Стентот Градба“ од Битола, а надзорот го вршеше „ГЕИНГ“. Од институциите информираат дека ваквите активности ќе продолжат и на други критични делници во регионот со цел подобра поврзаност и поголема безбедност за граѓаните.



