34 матуранти со 16 професори – Крушево ќе дава 3000 за учениците кои ќе останат

Дури една третина од наставниот кадар се професори – вкупно 16, додека матуранти има само 34. Дел од учениците заминуваат да учат во Битола, Охрид и Прилеп, привлечени од поголемите можности што ги нудат овие градови.



Градот во кој се удрени темелите на македонската револуционерна борба сѐ повеќе се празни. Славното Крушево, од каде пред повеќе од еден век одекна гласот за првата република на Балканот, денес тоне во тишина. Зафатено од силен иселенички бран, младината сѐ помалку е присутна во градот на револуцијата. Младите заминуваат да учат и работат во поголемите градови, додека Крушево денес го одржуваат претежно средовечни жители и пензионери.

Гимназијата и туристичко-угостителската насока – единствениот избор за средношколците во Крушево

Во Крушево, средношколците можат да изберат само меѓу гимназиско образование и угостителско-туристичка насока. Доколку некој сака да се насочи кон техничка, медицинска или економска струка, единствената опција е да се пресели и школува во друг град – како Битола, Прилеп или Скопје.
„Имаме ограничен избор. За многу од нас тоа значи разделба од семејството уште на 15 години“, велат ученици од Крушево.

Средното општинско училиште „Наум Наумовски-Борче“ моментално брои 107 ученици. Оваа учебна година завршиле само 34 матуранти, од кои 13 се од гимназиската насока. Ваквата состојба трае со години, а нешто подобро беше во учебната 2020/21 година, кога дипломираа 49 матуранти.

Слични Објави