|

(видео) „Нотите на животот“ – Документарен филм на ученици од Прилеп

Документарниот филм „Нотите на животот“, реализиран од ученици од Прилеп по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ја раскажува инспиративната животна приказна на Филип Николоски – млад музичар со церебрална парализа, кој преку музиката ја пренесува својата борба, надеж и стремеж кон успех.



Филип е протагонист на филмот и активно се развива на музички план под менторство на Рубин Димкоски – гитарист и музички продуцент од Прилеп, кој во последните две години е и гитарист на ВИС Меморија. Неговата посветеност, дисциплина и љубов кон музиката се силен доказ дека попреченоста не е пречка за талентот и напредокот.

Сценариото за филмот е изработено од дефектологот во СОЕПТУ “Кузман Јосифоски – Питу” – Прилеп, Гордана Стојкоска, додека режијата, камерата и монтажата се дело на учениците Петар Јошески и Душко Илиески. Во филмот учествуваат и Цеца Видова Трајческа – поранешен класен раководител на Филип, како и Весна Миланоска – професорка која во текот на неговото школување му била најголема поддршка и пријател.

Идејата за реализација на „Нотите на животот“ произлегла природно, како дел од долгогодишната практика секоја година да се создаваат видеа со пораки за Денот на лицата со попреченост. Целта на овој филм е јасна – преку вистинска животна приказна да се покаже дека лицата со попреченост можат активно да дејствуваат, да се надградуваат и да бидат подеднакво успешни како и сите други.

Процесот на создавање на филмот бил предизвикувачки. За да се долови реалната слика за Филип, биле потребни повеќе длабоки разговори со професорите и дефектологот. Иако филмот е снимен со аматерска опрема, вложениот труд, искрената емоција и силната порака му даваат голема документарна и човечка вредност.

Слични Објави