| |

Саем на земјоделски производи во Прилеп – во чест на Меѓународниот ден на руралните жени

Во пресрет на 15 Октомври – Меѓународниот ден на руралните жени, во сабота, 11 октомври 2025 година, на платото кај Градскиот саат во Прилеп, ќе се одржи Саем на земјоделски производи посветен на жените од руралните средини – чуварки на традицијата, културата и одржливиот развој.



Во сабота, 11 октомври 2025 година, со почеток во 10:30 часот, во Старата чаршија кај Градскиот саат, ќе се одржи Саем на земјоделски производи, настан што ќе ја спои традицијата, локалната храна и уметноста во чест на жените кои ја одржуваат живата врска меѓу минатото и иднината на македонското село.

Посетителите ќе можат да уживаат во изобилство од свежи земјоделски производи, домашни деликатеси и традиционални специјалитети, а за најмладите е подготвено едукативно катче каде ќе учат за значењето на здравата исхрана и зачувувањето на природата.

Културниот дел на програмата ќе го збогати театарскиот перформанс „Живот на село“, изведен од професионални актери, кој низ хумор и емоции ќе ја прикаже секојдневната реалност и убавината на руралниот живот. Настанот ќе заврши со музика, дружење и забава за сите генерации, во духот на заедништвото и почитта кон жената – столбот на секое село.

Организаторите порачуваат дека целта е да им се оддаде признание на жените кои со својот труд, љубов и истрајност го одржуваат животот во руралните средини, придонесувајќи кон зачувување на културата, традицијата и одржливиот развој.

Настанот е во организација на Општина Прилеп и ЛАГ Агро Лидер, а е поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.

Слични Објави