РК Прилеп со убедлива победа против Тиквеш, борбата за плеј-оф е отворена

Ракометарите на РК Прилеп остварија голема и значајна победа во 2. коло од пролетниот дел во Супер машката ракометна лига, совладувајќи го РК Тиквеш 2014 со 33:26 (16:11).



Ова беше првиот домашен натпревар за прилепчани во продолжението на сезоната, а избраниците на тренерот одговорија со одлична игра пред својата публика. Од самиот почеток Прилеп наметна висок ритам, цврста одбрана и ефикасен напад, со што рано ја презеде контролата и не дозволи неизвесност во продолжението од натпреварот.

Најефикасен во редовите на Прилеп беше капитенот Димитар Димитриоски со девет погодоци, додека Никола Шипинкоски придонесе со седум голови.

Со оваа победа, деветта сезонава, РК Прилеп стигна до 18 бода и се најде само на два бода зад петто- и шестопласираните Тиквеш и Бутел, кои се во зоната за пласман во плеј-офот.

До крајот на регуларниот дел, прилепчани ги очекуваат два клучни натпревари – гостување кај Еурофарм Пелистер и домашен дуел со Радовиш. Во исто време, надежите за пласман во плеј-оф зависат и од резултатите на директните ривали. Тиквеш ќе игра дома против Куманово и на гости кај Бутел, додека Бутел, покрај пресметката со Тиквеш, ќе гостува и кај Охрид.

Борбата за плеј-оф влегува во завршница, а РК Прилеп повторно се наметнува како сериозен кандидат за едно од местата меѓу најдобрите.

Слични Објави