|

Пет минибуси на ЈП за ПУП- стартува новиот општински превоз од Прилеп кон селата

Општина Прилеп во најновиот Службен гласник бр. 12 од 8 август 2025 година објави повеќе одлуки со кои се уредува јавниот превоз и се зајакнува контролата врз бесправната градба.

Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање (ЈП за ПУП) доби на трајно користење пет минибуси кои ќе се користат за градски и приградски превоз. Станува збор за:

  • BMC Midibus 850 ТМ (2006), 35 седишта,
  • Mercedes Benz Sprinter 518 CDI (2007), 19 седишта,
  • Mercedes Benz Sprinter 518 CDI (2008), 21 седиште,
  • Temsa (MAN) Opalin (2008), 37 седишта,
  • комбе/минибус (2008).

Возилата, вредни од 28 до 33 илјади евра, се обезбедени преку донации и јавни набавки.

Советот на Општина Прилеп одлучи ЈП за ПУП да биде единствен носител на општинскиот линиски превоз. Утврдени се повеќе релации кон населените места:

  • Прилеп – Подмол (Лопатица, Канатларци, Ерековци, Тополчани),
  • Прилеп – Чепигово (Тројкрсти, Тополчани, Алинци),
  • Прилеп – Загорани (Веселчани, Беровци, Ново Лагово),
  • Прилеп – Големо Коњари (Мало Коњари, Кадино Село, Галичани),
  • Дополнителни линии: кон селата Штавица, Бонче, Селце и Волково.

Возниот ред е утврден за работните денови и за сабота, со посебен режим во летниот и зимскиот распуст.

Учениците од основното и средното образование ќе користат бесплатен превоз, а трошоците ќе се покриваат преку блок-дотациите од Министерството за образование и наука. Општината ќе ги субвенционира задолжителните линии со гориво, почнувајќи од јануари 2026 година.

За останатите граѓани утврдена е тарифа со цени од 60 до 300 денари, во зависност од релацијата. На пример, билет во еден правец од Ново Лагово до Прилеп чини 60 денари, додека повратен билет од Чепигово или Лопатица е 300 денари.

Решенија против дивоградби

Покрај одлуките за јавниот превоз, во службениот гласник се објавени и повеќе решенија на Градежната инспекција со кои се наложува отстранување на бесправно изградени гаражи, бараки и помошни објекти на државно земјиште. Инвеститорите имаат рок од 15 дена за отстранување, а жалбите не го одложуваат извршувањето.

Слични Објави