Нови процедури на границите за ЕУ
Европскиот систем за патни информации и авторизација (ETIAS), кој според најавите ќе почне да функционира од мај 2025 година, предизвикува загриженост меѓу туристичките работници. Во срцето на проблемите се новите процедури кои ќе ги забават граничните контроли и ќе ги зголемат времето на чекање, особено за организираните туристички групи.
„Досега, премините со Грција беа веќе голем проблем поради големите гужви, а сега, со воведувањето на системот ETIAS, ќе мора да се применат нови процедури за проверка на секој патник. Се претпоставува дека за секој патник ќе бидат потребни најмалку 3 минути, што значи дека еден автобус со 50 патници ќе чека најмалку час и половина“, вели Дончо Нацески од туристичката агенција „Арботравел“.
Системот ќе бара од патниците да го завршат процесот на авторизација сами, што создава нови тешкотии, особено за постарите луѓе или оние кои не се упатени во технологијата. Туристичките агенции се загрижени и за дополнителните административни задачи, како што е потребата за пријавување на престојот на возачите.
„Потребата за додатни возачи и чести паузи ќе ја зголеми цената на патувањата, а и ќе биде потребно да ангажираме нови вработени за да ги поддржиме патниците со овие нови процедури“, додава Нацески.
Иако многу туристички работници се загрижени за влијанието на системот ETIAS на туризмот во краток рок, некои, како Влатко Сулев од Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), веруваат дека ова ќе биде само привремен проблем.
„Како и во азиските земји, со време системот ќе стане побрз. Првото преминување на границата ќе биде побавно, но следните патувања ќе бидат поефикасни“, уверува Сулев.
Меѓутоа, некои туристички работници се скептични и сметаат дека политичките случувања и техничката неподготвеност на земјите од ЕУ може да доведат до ново одложување на почетокот на примената на системот.
Системот ETIAS ќе овозможи проверка на патниците кои можат да патуваат во Шенген-зоната без виза, со цел да се идентификуваат потенцијалните безбедносни ризици. Иако системот има потенцијал да го поедностави патувањето на долг рок, започнувањето ќе биде предизвик за туристичките работници и патниците.
За сега, останува да се види како ќе се имплементира ETIAS и колку ќе влијае на туризмот во Европа.