Легендата на македонското глумиште Благоја Спиркоски Џумерко – 79 години од неговото раѓање
Сеќавање на Благоја Спиркоски Џумерко – бардот на македонското глумиште
На денешен ден, во 1946 година во Прилеп, е роден Благоја Спиркоски Џумерко – еден од најзначајните македонски театарски, филмски и телевизиски актери. Со својата харизма, талент и умешност, тој остави длабок печат во македонската култура и уметност.
Неговата кариера, која траеше повеќе од четири децении, беше исполнета со бројни улоги на театарската сцена, во играните филмови и телевизиските серии. Најзапаметен ќе остане по улогата на Итар Пејо во ТВ-драмата „Солунски патрдии“, каде што со својот препознатлив хумор и актерска виртуозност ја освои публиката.
Спиркоски играше во филмови како „Тетовирање“, „Викенд на мртовци“, „Како убив светец“, како и во популарните серии „Бумбари“, „Наше маало“, „Погрешно време“ и „Салон хармони“. Неговата актерска експресивност и способноста да ги оживее ликовите на начин што останува незаборавен, му донесоа бројни награди, меѓу кои „Ристо Шишков“, „Петре Прличко“, наградата „3 Ноември“ на Град Прилеп и највисоката театарска награда за животно дело „Војдан Чернодрински“.
Кариерата ја помина во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде работеше од 1966 година до пензионирањето. Иако се докажа во широк спектар на жанрови, неговите улоги во домашната драмска продукција беа најзабележителни, а соработуваше со драматурзи како Ристо Крле, Јордан Плевнеш, Миле Попоски, Благоја Ристески-Платнар, Блаже Миневски и други.
Познат и како маестрален раскажувач, неговиот глас остана запаметен преку аудиоизданијата на Македонските народни резил приказни.
Благоја Спиркоски Џумерко почина на 11 јуни 2015 година, оставајќи големо наследство во македонската култура. Неговата ќерка Марија Спиркоска-Илијеска го продолжува актерскиот пат како успешна театарска, филмска и телевизиска глумица во НТ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Неговата работа и талент остануваат дел од колективната меморија на македонската публика, а неговите реплики, гестови и улоги продолжуваат да живеат во срцата на љубителите на театарот и филмот.