Финансиската стабилност на општините во фокусот на 24. седница на ЗЕЛС
Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска ќе ја одржи својата 24. седница, на која, по покана од ЗЕЛС, ќе присуствува и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
Како што информираат од ЗЕЛС, една од главните точки на дневниот ред ќе биде натамошниот развој на фискалната децентрализација во земјата, во согласност со Меморандумот за соработка што во август 2024 година беше потпишан меѓу Владата и ЗЕЛС.
На седницата ќе се разгледуваат и можностите за зајакнување на финансиската стабилност на општините, како и потребата од ревидирање на методологиите за распределба на блок-дотациите што централната власт им ги префрла на општините. Овие средства се наменети за спроведување на надлежности во клучни сектори, како што се образованието, предучилишното воспитување, противпожарната заштита и други јавни услуги.
Покрај ова, членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС ќе дискутираат и за други актуелни прашања поврзани со локалната самоуправа.