„Линии“ – изложба на илустрации за деца од Иванка Ниневска Батева во Прилеп
Во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп на 24 декември 2026 година ќе биде отворена изложбата „Линии“, на која ќе бидат претставени илустрации за деца од академската уметница Иванка Ниневска Батева.
Настанот го организира Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ Прилеп, во соработка со Градската библиотека, а отворањето е закажано за 13:00 часот.
Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со творештвото на уметницата, која е препознатлива по своите илустрации исполнети со фантазија, спонтаност, креативност и детска искреност.
Нејзините дела се карактеризираат со слободен ликовен израз, игра со линии, бои и форми, преку кои приказните добиваат нова визуелна димензија.
Како што се истакнува во освртите за нејзиното творештво, илустрациите на Иванка Ниневска Батева не се само придружба на напишаната приказна, туку претставуваат посебен уметнички израз кој ја поттикнува детската фантазија и ја отвора вратата кон еден поинаков свет.
Модератор на изложбата ќе биде Лина Димоска, а најмладите посетители ќе имаат можност да ги разгледаат илустрациите и непосредно да разговараат со уметницата.
Изложбата „Линии“ претставува можност за средба со детската илустрација и современиот ликовен израз, но и поттик за развивање на креативноста и љубовта кон уметноста кај најмладите.


