Православните верници денес ги празнуваат Светите Козма и Дамјан – заштитници на лекарите и болните
Православните верници денес го одбележуваат празникот посветен на Светите бесребреници Козма и Дамјан, во народот познати како Свети Врачи. Тие се сметаат за заштитници на лекарите, здравствените работници и болните, поради што многу здравствени установи ги слават како свои патрони.
По повод празникот, именден празнуваат Кузман, Кузе, Дамјан, Даме и сите што ги носат овие и сродните имиња.
Според црковното предание, Светите Козма и Дамјан биле лекари кои бесплатно ги лекувале болните, без да бараат награда за својата работа, поради што се нарекуваат бесребреници. Помагале на сите луѓе, без разлика на нивната национална или верска припадност, проповедајќи милосрдие и љубов кон ближниот.
Во народната традиција, денешниот ден се смета за особено погоден за молитва за здравје и исцелување. Постојат и повеќе народни верувања поврзани со празникот, меѓу кои дека треба да се избегнуваат непотребни излегувања од домот, додека во некои краишта се верува дека е добро да се извршуваат потешки физички работи. Овие обичаи се дел од народната традиција и не претставуваат црковни правила.
Светите Козма и Дамјан, познати и како Свети Врачи, се празнуваат двапати во годината – на 14 јули (летни Свети Врачи) и на 14 ноември (зимски Свети Врачи) според современиот календар.



