(видео) Над 230 пријавени за хуманитарната „Трка со срце“ во организација на Ротаракт Клуб Прилеп
Ротаракт Клуб Прилеп интензивно ги привршува подготовките за хуманитарната „Трка со срце“, настан чија цел е преку спорт и заедништво да се соберат средства за хумана кауза.
Од клубот велат дека идејата се родила од желбата да се понуди поинаков начин на помагање, кој ќе ги обедини граѓаните околу заедничка цел.
„Видовме друг начин како да го собереме целиот град да помогне. Не сакавме тоа да биде само сувопарно донирање пари, туку да создадеме настан на кој луѓето ќе се вклучат активно, ќе има позитивна енергија и заедништво, а истовремено ќе придонесат за хуманата цел“, велат организаторите.
Интересот за учество е голем уште пред затворањето на пријавите. Досега се регистрирани повеќе од 230 учесници, а од Ротаракт Клуб Прилеп очекуваат бројката да надмине 250 до крајот на оваа недела.
„Навистина сме среќни што имаме толку голем број пријавени. Целта беше да вклучиме што повеќе наши сограѓани кои преку своето учество ќе се почувствуваат корисно и ќе придонесат во остварувањето на крајната цел“, истакнуваат од клубот.
Подготовките за настанот се во завршна фаза, а организаторите нагласуваат дека постојано се во комуникација и координација со сите вклучени во реализацијата.
„Веруваме дека ќе имаме навистина прекрасен настан и дека ќе ја исполниме нашата мисија – да покажеме дека кога градот е обединет, може да направи големи работи за оние на кои им е потребна помош“, додаваат тие.
Пријавувањето за хуманитарната „Трка со срце“ трае до 7 јуни. Заинтересираните можат да се пријават онлајн преку линкот објавен на Инстаграм страницата на „Трка со срце“, како и лично на пунктовите што ги организира Ротаракт Клуб Прилеп.
https://www.instagram.com/trkasosrce



