|

Универзална сала почнува да се гради – дали следен е театарот во Прилеп?

По долг период на најави, одложувања и административни процедури, започнува реконструкцијата на Универзална сала – еден од најпрепознатливите културни објекти во Скопје.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, информираше дека постапката за избор на изведувач е успешно завршена, откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одбила жалбата како неоснована и го потврдила изборот на најповолната понуда. Со тоа, како што посочи, се отстрануваат и последните правни пречки за старт на градежните работи.

Проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата е предвидено да заврши до декември 2027 година. Овој зафат е дел од подготовките на Скопје за престижната титула Европска престолнина на културата 2028.

Со новиот изглед, Универзалната сала треба да прерасне во современ, функционален и репрезентативен културен центар, кој ќе биде домаќин на театарски претстави, концерти, фестивали и други големи настани од домашен и меѓународен карактер.

Но, паралелно со оваа значајна инвестиција во главниот град, во јавноста сè погласно се отвора прашањето за состојбата на културната инфраструктура во внатрешноста на државата.

Меѓу нив, посебно се издвојува Народен театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, институција со долга традиција и значајна улога во македонскиот театарски живот. Театарот со години се соочува со потреба од реконструкција и модернизација, и покрај тоа што е домаќин на реномираниот фестивал Војдан Чернодрински.

Граѓаните и културната јавност очекуваат дека ваквите капитални проекти нема да останат ограничени само на Скопје, туку ќе се прошират и во другите градови. Децентрализацијата на културните инвестиции, велат упатените, е клучна за рамномерен развој и зајакнување на културниот живот низ целата држава.

Останува да се види дали најавените инвестиции ќе значат и конкретни чекори за подобрување на условите во театарот во Прилеп.

Слични Објави