ССМ: Третина од работниците во Македонија преживуваат со плата под 30.000 денари
Во Македонија во мај 2025 година биле евидентирани 509.960 работници со пресметана и уплатена нето плата, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Од нив, дури 374.045 или 73,3% земаат плата под просечната, додека само 26,7% или 135.915 работници успеваат да стигнат над таа граница.
Според ССМ, најзагрижувачки е фактот што 169.082 работници – односно една третина од вработените (33,1%) – примаат плата пониска од 30.000 денари (околу 500 евра). Тоа, како што потенцираат од таму, значи дека со две такви плати едно четиричлено семејство не може да ги обезбеди ни основните услови за живот, ако се споредат приходите со трошоците во синдикалната минимална кошница.
„Со одбивањето да се зголеми минималната плата, од страна на Владата, газдите и парламентот се прави директна штета на 169.082 работници и нивните семејства,“ реагираат од ССМ, додавајќи дека во Македонија малцинството живее добро, додека мнозинството преживува.
Сојузот остро критикува дека токму оние кои земаат највисоки приходи – функционери, политичари, газди и експерти – се против зголемување на минималната плата. „Функционер со 150.000 денари (2.500 евра) плата му објаснува на работник со 24.397 денари (околу 400 евра) дека добро се живее и дека нема потреба од зголемување на примањата. Веројатно за да не ’аздиса’ многу работникот,“ стои во реакцијата на синдикатот.
ССМ порачува дека ваквата состојба ја продлабочува социјалната неправда и создава уште поголем јаз меѓу малцинството што живее комотно и мнозинството кое секој месец се бори да ги покрие основните трошоци.


