Крушево го започнува празничниот „шепот“ на чаршијата на 20-ти декември
На 20 декември, со почеток во 18 часот, Крушево ќе го означи стартот на Новогодишните и Божиќните празници со големиот настан „Празничен шепот на крушевската чаршија“. Здружението Културен Манифест, со поддршка на Општина Крушево, Локалниот младински совет, неформална група на граѓани и бројни компании, ја обединуваат заедницата во создавањето на уникатна празнична атмосфера.
Програмата започнува со музичко–сценска изведба во 18 часот, по што ќе следи свеченото осветлување на чаршијата, отворање на Новогодишниот базар и пристигнувањето на Дедо Мраз. За забавниот дел ќе се погрижи „Балкан Џем“, кои ќе бидат задолжени за празничниот ритам и добро расположение.
Она што го прави овој настан особено вреден е фактот што иницијативата произлегува од самите граѓани – поединци и неформални групи кои сакаат да ја збогатат туристичката и културната понуда на градот во овој посебен период од годината. Организаторите успеаја да обединат широка поддршка од локалните бизниси и институции.
Празничниот дух во Крушево ќе трае до 6 јануари, со богата програма која ќе ја оживее чаршијата и ќе го доближи празничното чувство до сите посетители.



