Комуналец ќе чисти – тоа е нивната работа. Но, до кога ќе фрламе несовесно?
Стариот пат Прилеп–Битола, на потегот од Анита до одјавната табла, денес повторно беше исчистен од екипите на ЈКП „Комуналец“.
Се собираше отпад што со денови, недели и месеци бил расфрлан покрај патот. Ситна амбалажа, пластични шишиња, хартија и разноразен отпад, кој можеби некому му било најлесно едноставно да го фрли на земја, наместо да го одложи на соодветно место.
Да бидеме јасни – да, работата на „Комуналец“ е да ја одржува јавната чистота. За тоа постои јавното претпријатие и за тоа граѓаните плаќаат.
Но, дали тоа значи дека ние треба несовесно да фрламе, само затоа што „има кој да собере“?
До кога ќе мислиме дека јавниот простор е туѓ, а отпадот што ќе го оставиме зад себе е туѓ проблем?
Секое дополнително собирање, секоја дополнителна тура, секоја дополнителна работна рака и секој дополнителен ангажман имаат своја цена. А парите со кои се покриваат тие трошоци не паѓаат од небо – тоа се јавни средства, односно пари на граѓаните.
Наместо екипите на „Комуналец“ постојано да се враќаат на исти места и повторно да собираат отпад што можел да заврши во канта или контејнер, тие средства и човечки ресурси можат да се искористат за други потреби, за почиста и поуредна општина.
Затоа, не станува збор за тоа дали „Комуналец“ треба или не треба да чисти. Треба. Тоа е нивната работа.
Но наша работа е да не го правиме нивниот труд бесмислен.
Не е тешко отпадот од дома да се фрли во канта. Не е тешко отпадот од патување да се стави во кеса и да се фрли во контејнер кога ќе стигнеме до него. Не е тешко да не оставиме отпад зад себе кога ќе поминеме низ некој парк, излетничко место или покрај пат.
Тешко е само да ја смениме навиката.
ЈКП „Комуналец“ денес исчисти. Утре можеби повторно ќе има потреба да чисти. И така во круг.
Но, прашањето не е само до кога ќе чисти „Комуналец“. Прашањето е – до кога ние ќе фрламе?
Чистата општина не се создава само со работата на комуналците. Се создава и со однесувањето на секој од нас.
Чисто е убаво. А уште поубаво е кога сите ќе придонесеме да остане чисто.
Б.Ц


