Протест на СКРМ – „ Загрозени ни се основните работнички права“
Културните работници денеска излегоа на протест пред Министерството за култура, изразувајќи незадоволство од, како што велат, загрозувањето на нивните работнички права.
Причина за протестот е постапката на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, како и намалувањето на платите за околу 6 проценти во изминатите две години. Од Синдикатот посочија дека не станува збор само за финансискиот аспект, туку и за доведување во прашање на веќе стекнатите права.
„Загрозени ни се основните работнички права. Не станува збор само за платите кои втора година по ред се намалуваат, туку се доведуваат во прашање сите наши изборени права“, истакнаа од Синдикатот.
Министерот за култура, Зоран Љутков, протестот го оцени како политички мотивиран, обвинувајќи дека Синдикатот е под силно политичко влијание. Тој информираше дека на вчерашната средба во Министерството со синдикалните претставници биле направени првични чекори за деблокирање на преговорите за колективните договори во културата.


