|

(видео) Монографија и камерна галерија за „Ѓорѓи Ачески – Аче“

Синоќа во објектот на поранешното „Бабанеделино“ училиште во Прилеп беше промовирана публикацијата „Еден музеј на една архитектура“, посветена на ликовниот уметник Ѓорѓи Ачески – Аче. Автори се Паре Зареска и Елизабета Дерменкоска – Цефи, а издавач е НУ Завод и музеј – Прилеп.

По промоцијата беше отворена и Камерната галерија „Ѓорѓи Ачески – Аче“, со изложба на цртежи и архивски материјали од неговото творештво.

На настанот говореа Мимоза Христоска, Елизабета Дерменкоска – Цефи, Александар Еленин и Кирил Гегоски, кои преку лични и стручни осврти го доловија ликот и значењето на Ачески како уметник и боем. Модератор беше Паре Зареска.

Публикацијата го претставува Ачески како хроничар на просторот и времето, чиј препознатлив ликовен израз го става мотивот „дом“ во центарот на неговото творештво.

Настанот беше заокружен со дигиталната презентација „Аче – последниот боем“, со материјали од МАНУ, Националната галерија и приватни колекции.

Слични Објави