Празните училишта да станат домови за стари лица или клубови – порака од Јанева до градоначалниците

Министерката за образование Весна Јанева им упати порака на градоначалниците низ државата да најдат нова намена за затворените училишни објекти. Во интервју за Радио Слободна Европа, таа потенцира дека по спроведената оптимизација на мрежата на училишта, околу 100 подрачни училишта во 20 општини останале празни.

„Овие објекти можат да се адаптираат за други потреби на заедницата – како домови за стари лица, дневни центри или клубови за младите“, изјави Јанева, нагласувајќи дека процесот на рационализација е дел од напорите за создавање поефикасен и поквалитетен образовен систем.

Министерката порача дека во интерес на општините е да не дозволат овие објекти да пропаднат, туку да се искористат како ресурси за развој на локалната заедница. Таа очекува градоначалниците да покажат иницијатива и да подготват проекти за адаптација, кои ќе можат да бидат поддржани преку национални или меѓународни фондови.

Според податоците од Министерството за образование, најголем дел од затворените училишта се наоѓаат во руралните средини, каде што во изминатите години евидентно е намалување на бројот на ученици.

Слични Објави