Никола Павлески освои трето место на меѓународен шаховски турнир во Србија

Младиот прилепски шахист Никола Павлески продолжува да бележи одлични резултати на меѓународната сцена. На Меѓународниот шаховски турнир „Света тројца 2026“, кој се одржа во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Јагодина, Србија, 17-годишниот Павлески го освои високото трето место во конкуренција на 20 учесници од повеќе земји.

Со освоени 5 поени, Павлески се пласираше веднаш зад руските шахисти – интернационалниот мајстор (ИМ) Данила Сутормин, кој заврши на првото место со 5,5 поени, и ФИДЕ мајсторот (ФМ) Артем Постников, кој исто така освои 5 поени.

На турнирот, прилепчанецот забележа четири победи, две ремија и само еден пораз. Единствениот пораз го претрпе од победникот на турнирот, ИМ Данила Сутормин. Реми одигра против ФМ Артем Постников и ерменскиот интернационален мајстор Давид Геворгјан.

До високата позиција Павлески стигна со победи над српските шахисти Далибор Милутиновиќ, Властимир Чаировиќ, Иван Јовановиќ и ФМ Серафим Олинјик.

На турнирот учествуваа и уште тројца шахисти од Македонија, а настапот на Никола Павлески претставува уште една потврда за неговиот талент и континуиран напредок во шахот.

Извор: shampion.mk

Слични Објави