10 нови специјализанти започнаа со работа во Клиничката болница – Битола
Клиничка болница – Битола денес го пречека новиот бран млад медицински кадар. Десет приватни специјализанти официјално започнаа со работа во оваа установа, откако успешно го поминаа конкурсот и добија можност својата професионална кариера да ја градат токму дома – во служба на граѓаните.
На средбата со нив присуствуваше и директорката на болницата, д-р Ненси Лозанче, која им посака топло добредојде и им посочи дека болницата активно работи на создавање услови за задржување на младите кадри во здравствениот систем.
„Ова е уште еден чекор напред во нашата мисија да го зајакнеме јавниот здравствен систем и да обезбедиме поквалитетни и подостапни здравствени услуги за сите граѓани“, изјави д-р Лозанче.
Со оваа иницијатива, се обезбедува не само професионален развој на младите лекари, туку и континуитет во обезбедување на здравствена заштита за граѓаните на Битола и регионот. Болницата останува посветена на својата улога како столб на здравствената заштита во југозападниот регион на земјата.


