Шаренолика разгледница од Тетово – спомени и сеќавања кои ќе останат

Културата од секогаш била мост за зближување на сите генерации од различни места. За еден таков настан и прекрасно поминат ден раскажуваат учесниците од „Едукативна екскурзија, едно пријатно сплотување на две училишта СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп и СОУ „Преродба Рилиндја“ од Житоше… културен туризам и меѓуетничка интеграција на младите, при посетата на Тетово.

Организатор на ова патување е СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп, додека претставник од НУ Завод и Музеј Прилеп кој се приклучи на ова патување им овозможи на учениците да научат нешто ново во поглед како климатските појави делуваат на опстојувањето на историските објекти низ вековите но и како да се заштитат истите од забот на времето!

„Се организиравме и се сретнавме ученици и наставници во Тетово. Ја посетивме уникатната и живописна Шарена Џамија која датира од XV век. Крај неа е Турбето на анамата Хуршиде.

Џамијата првично била изградена во 1438 година, а подоцна повторно изградена во 1833 година од страна на Абдурахман Паша. Џамијата е значајна по своите внатрешни и надворешни сликарски декорации. Во составот на овој амбиент, се наоѓа и зачуваниот Чифте амам, во кој денес е Уметничката галерија, како и конаците претставуваат интересна урбанистичка целина.

Стигнавме и до Лешочкиот манастир — православен манастирски комплекс, кој претставува најголем духовен центар во Тетовско. Манастирот е сместен во природен амбиент во близина на селото Лешок, на надморска височина од 610 метри. Во комплексот се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св.Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век.

Екскурзијата ја заокруживме со пријатно освежување и посета на Вруток – надалеку познатиот карстен извор на најголемата и најдолга река во Македонија, реката Вардар. Изворот кој е именуван според селото Вруток се наоѓа во општината Гостивар, во југозападниот дел на Полошката котлина на 683 метри надморска височина и тука е изграден еден атрактивен етно ресторан со пријатно опслужување и рибни специјалитети.

И на крајот заклучок од учесниците „Средбите со другите истовремено придонесуваат повеќе да ги цениме сопствената култура и наследството и да го сфатиме сопственото природно опкружување“. „Треба да сфатиме дека културниот туризам може да биде едно од најплодните и најинтересните средства со кои би можел да се изрази дијалогот меѓу културите и цивилизациите“.

Слични Објави