Проштени поклади или „Прочка“

Поимот „прочка“ се користи да се означат четирите големи годишни пости, односно последните денови пред започнувањето на постите. Кај црквата овој поим се користи да се означи последниот ден од „сирната недела“, кој ги означуваат Велигденските пости, а самото простување е опишано преку „неделата на блудниот син„ и „неделата на Митар и Фарисеј“. Останатите елементи на обредот имаат изразито пагански карактер.

За народот, ова е ден кога се простуваме со најблиските и пријателите.

            Покладите паѓаат 7 недели пред Велигден, во недела, па немаат фиксен датум на одржување, туку спаѓа во „подвижните празници“, кои се одредуваат спрема датумот – во кој ќе „падне“ Велигден.

Ако се земе дека датумот на православниот Велигден („хирстијанска пасха“) се одредува исклучиво преку „Гаусовите таблици“, секоја година имаме различен датум на одржување на обичаите од „велигденскиот круг“. Главно е дека и месечевиот и сончевиот календар се вклучени во одредувањето на овој датум, што исто така јасно укажува дека датумот на Велигден може да се одреди само спрема Јулијанскиот, а никако спрема Григорианскиот календар. Тој факт го имал на ум и големиот Гаус, кога ги правел таблиците.

            Христијанската скрама на овој обичај е резултат на црквената практика од времето на воспоставување на христијанството, кога за деновите од паганскиот годишен календарски циклус, биле поврзувани некои христијански светци или периоди од христијанскиот календар, со цел тие обичаи да се христијанизираат.

            Овој обичај е „синкретски“, што значи дека има повеќе старосни слоеви – веројатно додадени и видоизменети од различни етности.

Потеклото на овој обичај може да се стави во светската традиција на маскирани поворки, односно во „обичаите под маски“, а тоа го поврзува со целиот индо – европски ареал.

            Името „маска“ не било во употреба се до првите десетлетија на овој век. Тоа име е дојдено преку јудео – шпанскиот говор на доселениците во Солун и околината, во форма на увредливиот збор „маскара“. Кај нас името за маска било „сурат“ (значи, образ, форма), кој е арапски збор – дојден кај нас преку Турците.

Низ Македонија такви маскирани поворки, кои изведуваат драмски дејствија најразлично се нарекуваат и прават „опходи“ во различни денови, од бадник до прочка: Маскари, карневали, сурати, бубари, бубудери, дељо, вампири, ешкари, странци, мечкари, дервиши, василичари, камилари, древло, џамалари, топачето, станчинари, бељаци и сл. Сите овие групи носат локални обележја.

Сепак, сличностите се огромни: суштества, кои имаат голема моќ околу плодноста, односно, нашите мртви предци.

Најчести „актери“, односно ликови се: невеста, зет и невеста, кончар, водачи на поворка, стар дедо орач, легач, бабар, мечкар, камила, дедо и баба, поп, клисар, оџа, снаа со вонбрачно дете, доктор, музичар, полицаец. Денес се воведени и нови ликови во овие поворки.

Грамски елементи се: умирање и воскреснување на старецот, воскреснување на мртви, сексуални и ласцивни движења, комично блосоење, прскање со пепел, кадење со лута пиперка, изнудување дарови, грешна невеста јава на магаре, грабање на невестата, карикирана свадба, мирење на скарани бабари, пеење „мрсни“ песни и сл.

            Прилепските „Мечкари“ се касапите, кои актуелно работат во струката. Уште пред II Св. Војна тие биле посебна категорија презрени занаетчии (заради колењето животни, односно постојаниот контакт со „душите“ на животните). Тие уште на почетокот на 20 век го славеле овој празник како еснафски празник и неколку дена пред Прочка се собирале на осамено место (најчесто е тоа пештера) и без палење огин останувале надвор од градот, за да добијат ритуална чистота и транс, за да го из ведат обичајот. Цело време тие пијат и говорат безобразни муабети и на самиот ден Прочка, тие се во ритуален транс, па „се симнуваат“ во кланицата, за да се „облечат“. Тие се облекувале во пресн и и смрдливи кожи (процесот се нарекува „врзување“), со само неколку штавени јагнешки, јарешки, еленски и волчји кожи, кои ги ставале на главата. Потоа, тие ги обиколувале куќите на сите касапи, а попатно наплаќале откуп од сите минувачи. Познато е дека во шеесетите години, тие дури превртувале и возила и од нив имало оправдан страв, затоа што тие биле на ивица на силата и во халуциногени напади, па навистина биле опасни. Се паметат случаи од минатото кога две поворки се судриле и имало мртви во тој судир, кои ги закопувале на самото место (се нарекуваат „бабарски гробови“).

Касапите ги даруваат во сите куќи со пари, масло, грав, ореви, костени, брашно, овошје, ракија, вино и сл., кои тие ги носат во манастирот Св. Ѓорѓија, каде следниот ден имаат заеднички собир. Таму, на „Чисти понеделник“ (следниот ден) се готви „касапски грав“ и се празнува со посни јадења.

            Други обичаи за Прочка се „детските поворки“, кои ги посетуваат роднините и комшиите, добиваат дарови и пари, а овие блосојат за здравје и бериќет. Овие дечиња се маскирани пригодно, но ретко кога е тоа традиционална маска, а најчесто е тоа индустриска маска или комбинација на домашна изработка и индустриска маска.

            Амкањето јајаце е прастар обичај, кој се состои од „амкање“ или обид на дечињата со уста да го дофатат јајцето, кое е обесено на конец, кој виси на сукало или вретено, за да имаат среќа цела година. На конецот се прават јазли и се пали после обредот, за да се види која старица во маалото прва ќе умре.

            Постојат и други обичаи, кои се практикуваат на Прочка, како што е одењето на гробишта и „раздавањето“ за душа – на самиот гроб, а во селата има и многу други обичаи, кои се врзани за земјоделието и сточарството.

Како и да е, кај нас обичајот се поврзува со црковната митологија и народот верува дека е тоа христијански празник, кој има понекој „остаток“ од порано.

До 1996 година не постоеше јавно славење на овој обичај и тоа беше семеен обичај, а од 1996 година, организирана е првата јавна манифестација за прослава на овој обичај, кога дневниот весник „Вечер“, МРТ и НУ Завод и Музеј Прилеп, по иницијатива и организација на „Ц’мба транс“,реализираа карневалски натпревар, кој се одржа во салата на Тут – Ком, а потоа беше реализирана и првата „Вечер под маски“ во салата на хотелот „Липа“, каде беа доделени и наградите на такмичарите од страна на жири комисијата, која ја предводеше Аташето за култура во  амбасадата на република Франција во Македонија.

Од тогаш – до сега, секоја година се организира оваа манифестација, освен во времето на Ковид пандемијата.

Слични Објави