Повеќе од 32 фирми од регионот чекаат и по две години измени на урбанистичките планови

 Погодете заради што 57% од странските инвеститори не би инвестирале повторно во Македонија. Тоа го изјавиле странските инвеститори во Македонија, кои се разочарани и од административните процедури и од слабите кадри и недостатокот на работна сила и од корупцијата.

Во разговори со важни општински фактори во Пелагонија, добивме точна и докажана информација дека повеќе од 32 фирми од регионот чекаат 2 години измени на урбанистичките планови, за да започнат да градат или, воопшто да инвестираат кај нас. Поднесените урбанистички проекти (од страна на општините) ги враќаат од Министерство за Транспорт и Врски (МТВ), со многу забелешки, кои се и суштински и формални и потполно непотребни.

Со тоа, сè чека по неколку години за да продолжат со реализацијата на целокупната постапка од општините. Општините ургираат до Министерство за транспорт и врски, но одтаму нема сигнали за забрзување на постапките. Со тоа не можат да се проектираат ниту да се градат ниту улици до индустриските зони (како со проектите со Светска Банка), ниту било што друго. Најпрво општините „ги пееја“ дека немале проекти, па тие ги направија – тие општини што имаат капацитет и пари или пак зеле пари за планови од Фондот за техничка документација, а потоа тие проекти ги ставиле на чекање и постојани доработки, преправки и сл.

Не дека од општините се светци и ултра посветени, но навистина е потребна пообемна државна помош, како советодавна, така техничка, така и поддршка за законско исполнување на условите за градба, односно квалитетот на урбанистичките проекти. Законите се мошне сложени, испреплетени се едни – со други, барањата се неверојано високи (не е само МТВ, туку и Министерство за животна средина и просторно планирање), па тоа надлежните министерства, заедно со Министерството за локална самоуправа, треба „да се занишаат“ и да започнат обуки, инструктажи, советувања и „откочувања“, а не да глумат англиски кралици и кочничари. Има таму навистина вредни и способни кадри, кои треба „да ги пуштат на терен“, затоа што и тие се платени од наши граѓански пари, а не да чекаат општините да испратат недоволно елаборирани и технички недоспремени проекти (ако е така – како што тие кажуваат), за овие да се изживуваат на нив, вртејќи ги низ правно – техничките лавиринти.

Самите сме сведоци на „надвор од памет барања“, со кои ги „враќаат“ проектите, па потоа снижување на барањата, така што улица во индустриските зони од 40 метри широчина („Цацко урбанистички ќе им уреди толкава голема улица“, и „Мацко ќе го купи сето тоа земјиште“), се свеле и на 11 метри широчина, што е сосема разумно. Но, од 40 до 11 метри улицата се смалила за цели 2 годни. Погодувате, инвеститорот си заминал за тоа време.

Ете видовме кога има волја и добри обуки, како за репроценка на државниот имот, локален економски развој или данок на имот, има и резултати, па не треба да чекаме „странците“ да дојдат и да организираат обуки, со истите луѓе од министерствата и општините, па да има резултати. Ние тие стручњаци ги плаќаме, но не ги користиме и чекаме странските проекти да ги мобилизираат, па да бидат покорисни. Платете им дополнително, не е проблем – знаењето треба да се плати, не сме во социјализам веќе цели 23 години, нели?

Слични Објави