Кафански наспроти Општински муабети
Проектот „Отворени општини со отворени податоци“ предвидува граѓаните да се запознаваат со своите права активно да учествуваат во работата на општините. Во видеото ќе најдете вистинска едукација за тоа, но и приказ на сегашните граѓански ставови, кои не се наклонети на било која власт. Сепак, колку и да се оправдани, тие ставови се грешка и ние граѓаните мора „да свртиме лист“ и да им „помагаме“ на властите. И законите го бараат тоа.
Законите бараат од општините да ги прашаат граѓаните што мислат за нивните планови и буџети за идната година. Кафанската демократија тука не помага и време е ние граѓаните „да им ја дадеме таа помош“. На властите – кои и да се, не им се допаѓа што им „помагаме“ и што сакаме да знаеме како ќе ги трошат нашите пари, но обврзани се и да одговорат пред нас и да објаснат, кога нам не ни е јасно. Ако стане јасно за нас, одговориле како што треба.
Градоначалникот нема да дојде во кафена да одговори на незгодни прашања. Ние мораме да појдеме во општина, но прашањата можат да останат незгодни. Наместо кафанска демократија, да почнеме да вежбаме вистинска: читаме што планираат, колку за тоа ќе платат, а потоа можеме да ги прашаме зошто, колку и кому? Трошењето и делењето на парите не смее да помине без нас.