Јавност, слободен пристап до информации од јавен карактер, информирање, консултирање
Чл. 8 од ЗЛС утврдува дека општините се должни, без надоместок да ги информираат граѓаните за својата работа, за плановите и програмите, да им овозможат пристап кон основните информации за услугите и начините за нивно остварување. Не сите општини имаат донесено Стратегија на комуникација на општината и Акциски план за комуникација, ниту сектори или одделенија за комуникација и/или лица за односи со јавноста. Правата и постапката за слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат „имателите на јавни информации“ се уредени со Законот за слободен пристап до информации.
Општината, како имател на информации од јавен карактер (чл 10) преку својата интернет-страница треба да објавува податоци од своја надлежност. Секој имател на информации е должен да овозможи бесплатен пристап до претходно изнесените информации, да ја води и да ја ажурира листата на информации со кои таа располага и да ги објавува на начин достапен за јавноста (редовно ажурирана веб страница, огласна табла и друго). Секој имател на информации за посредување определува едно или повеќе службени лица при остварувањето на правото на слободен пристап до информации; кое контактира и ги дава потребните информации и му помага на барателот на информации за што води посебна евиденција за примањето на барања за информации, чувањето и давање на информации.
Податоците, кои општината треба да ги објавува се:
- податоци од своите надлежности што ги извршува;
- податоците за функционерот или одговорното лице;
- основни податоци за контакт со службеното лице за посредување со информации и
- за контакт со лице овластено за заштитено внатрешно пријавување;
- список на вработени во општината со позиција, службен имејл и службен телефон;
- законите кои се однесуваат на надлежноста на општината, поврзани со регистарот на прописи објавени во службеното гласило;
- прописите што во рамките на својата надлежност ги донесува општината во вид на подзаконски акт: правилници (правилник за внатрешна организација, правилник за систематизација на работните места, правилник за заштитено внатрешно пријавување и др.), уредби, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа се овластени со закон;
- органограм за внатрешната организација;
- стратешки планови и стратегии за работа;
- годишни планови и програми за работа;
- годишен буџет и завршна сметка;
- годишни финансиски планови по квартали и програми за реализација на буџетот;
- ревизорски извештаи;
- видови услуги што ги дава општината (информации за физичката достапност за остварување на услугите и информации за е-услугите, податоците за законските основи, називот на услугите, документите и податоците потребни за остварување на секоја од услугите, механизмите за правна заштита и други релевантни податоци);
- тарифници за надоместоци за издавање на реални акти;
- начинот на поднесување на барање за пристап до информации (начин на поднесување усно и писмено барање за пристап до информации, како и барање поднесено по електронски пат);
- целокупната документација за јавните набавки, за концесиите и за договорите зa јавно-приватно партнерство; предлог на програми, програми, ставови, мислења, студии и други слични документи кои се однесуваат на актите од надлежноста на општината, соопштенија до јавноста за работи преземени од нивната интернет-страница во согласност со законските надлежности, информативни билтени, службени гласила ако се обврска согласно со закон и друго;
- извештаи за работа кои ги поднесуваат до органите надлежни за спроведување контрола и надзор; статистички податоци за работата….