Денови на Крали Марко – одбележани 628 години од смртта на прилепскиот Крал Марко
Под Марковите Кули во амфитеатарот кај Слонот-Варош, во петокот на 19.05.2023 година, присутните имаа можност да уживаат во прекрасната музика од концерт на Драган и Ратко Даутовски.
Концертот беше дел од настаните по повод одбележувањето на „Денови на Крали Марко“, општина Прилеп одбележува 628 години од смртта на прилепскиот Крал Марко, најпознатиот јунак во епското творештво кај македонците и ширум Балканот.
Градоначалникот Борче Јовчески истакна „Одбележуваме 628 години од смртта на прилепскиот Крал Марко, најпознатиот јунак во епското творештво кај македонците и ширум Балканот, настан кој што полека но сигурно повторно го враќаме во културната програма на градот како што заслужува“. Споменот за нашите херои мораме да го чуваме и да бидеме горди на своите корени и историја.
Крале Марко (околу 1335 – 17 мај 1395) — последниот крал што владеел со поголемиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на турските султани. Истовремено, тој е најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците, туку и пошироко на Балканот. Кралството на Марко било со средиште во Македонија, со Прилеп како главен град и затоа се смета за македонски крал. Животопис – Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Марко имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник. Крале Марко, Мина Караџиќ, ~1850. За потеклото на фамилијата Мрњавчевиќ нема сигурни сознанија, бидејќи современите пишувани извори не даваат податоци за тоа. Најстари податоци за ова семејство дал дубровничкиот писател Мавро Орбини од XVII век. Според него, тие потекнувале од Ливно, во Херцеговина, од сиромашниот владетел Мрњава, кого царот Душан (1346-1355) го повикал на својот двор и многу го издигнал. Врз основа на ваквото пишување на Орбини прифатено е презимето Мрњавчевиќ за оваа фамилија и како такво одамна е востановено во литературата. За време на владеењето на неговиот татко, Марко ја имал титулата „млад крал“, односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371 год., Марко не учествувал во бојот, туку останал да управува со територијата на земјите на неговиот татко и на чичко му. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви, тој станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој бил и единствениот легитимен наследник на Душановото царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи. Но, владеењето на кралот Марко се соочувало со постојани притисоци, како од страна на српските големци, така и од страна на Турците, кои постепено завладувале со Балканот. Набргу, некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склучувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така, и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да ѝ служи на турската војска во нејзините воени походи. Границите на Марковата држава биле: Вардар на исток, Шар Планина на север, Охридското Езеро и градот Костур на југозапад, а престолнина Прилеп. (Извор: Википедија)